Делегации

Среда, 19 септември 2018 година

Петнаесетти состанок на МПК – РМ и ЕУ

Во Собранието на Република Македонија денеска и утре се одржува 15. Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и Европската Унија, кој беше отворен од страна на кoпретседавачите Горан Милевски и Алојз Петерле.

Милевски посочи дека ЕУ интеграциите се стратешки приоритет на Владата и Собранието, кои ќе останат посветени на сите реформски чекори. Убеден сум, рече Милевски, дека во периодот што следи ќе се успее да се постигне наднационалната и натпартиската стратешка цел - отпочнување на преговори за членство во ЕУ следната година. Претстојните месеци се важни и за односите со НАТО. Посветениот пристап во решавањето за спорот со името, постигнатиот договор со Грција, развивањето на добрососедските односи со Бугарија и со сите соседни земји, покрај спроведувањето на бараните реформи, остануваат приоритет.

Во своето обраќање, копретседавачот Петерле искажа задовоство бидејќи сите во Република Македонија ја споделуваат истата амбиција за ЕУ и НАТО интеграција. Посетите на меѓународните организации не се притисок, туку поддршка. На граѓаните, рече Петерле, останува да ја искористат можноста за изјаснување, во спротивно ќе треба да чекаат други можности.

Во размената на мислења, Андреј Жерновски, заменик-министер за надворешни работи на Република Македонија, рече дека деновите кои ги живеееме и одлуката пред која сме исправени е многу поголема и поважна од меѓусебните партиски битки, бидејќи заедничката и просперитетна иднина мора да нè обедини сите. Ова, посочи, е право и обврска на секој граѓанин и не може никој да бара изговори. Проекот за интеграција во ЕУ во моментот на кампањата за референдумот нè обединува сите по етничка линија. Овој проект нè прави посилни и поединети и за прв пат се води заедничка кампања. Демонстрацијата на единство нè прави Европа во мало и претставува гаранција дека Македонија ќе биде членка на НАТО и ЕУ.

Претставничката од Владата на Република Македонија, државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања, Калинка Габер, посочи дека поддршката од меѓународните партнери е значајна, а Македонија покажува нова пракса на нетипично балканско однесување. Земјата се враќа на патот на евроинтеграциите, институциите се ослободени и се работи на довербата на граѓаните. Таа ја изрази свесноста за тежината на предизвикот и работата која нè чека.   

Амбасадорот Самуел Жбогар, шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, во име на Европската служба за надворешни работи и Европската комисија, порача дека на референдумот граѓаните ќе решат за патот кон ЕУ. Свесен е за емотивната и тешка одлука, но изрази убеденост дека токму граѓаните правилно ќе одлучат и таа одлука ќе се почитува. Добрососедските односи се еден од принципите на ЕУ и во тој контекст Жбогар ги поздрави Договорите со Бугарија и Грција. Сакаме да ја видиме Република Македонија во ЕУ и НАТО како рамноправна членка, заврши амбасадорот Жбогар.

Во продолжение, присутните на 15. Состанок на МПК говореа за резултатите од Планот 3-6-9 и Планот 18. Во фокусот на дискусиите беа реформите во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, работата на СЈО, изборните реформи и реформите во системот на разузнавање.

Click