Делегации

Среда, 26 ноември 2014 година, Стразбур

Средба на Делегација на Собранието на Република Македонија со г. Иво Вајгл

Во рамките на одржувањето на 12. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија, кој се одржува денес и утре во во Европскиот парламент во Стразбур, делегацијата на Собранието на Република Македонија во комитетот во состав: г. Кенан Хасипи, претседател на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација (ко-претседавач на овој Комитет), г. Артан Груби, потпретседател на Делегацијата (заменик ко-претседавач на Комитетот), г. Антонијо Милошоски, г-ѓа Силвана Бонева, г.Владимир Ѓорчев, членови и г. Беким Фазлиу, заменик-член на Делегацијата, оствари средба со г. Иво Вајгл, словенечки европратеник и известител за Република Македонија во Комисијата за надворешни работи.

Како осведочен пријател на Република Македонија, г. Вајгл истакна дека ја почитува Република Македонија, ја признава под нејзиното уставно име и пред сè го почитува македонскиот идентитет, што е во насока и на словенечката позиција по однос на ова прашање. Изрази жалење што земјата сè уште нема отпочнато преговори, и покрај шест препораки по ред и истакна дека во својот мандат искрено и посветено ќе се ангажира да се надмине овој апсурд, да се направи чекор напред во откочување на овој процес. Тој ја изрази својата заложба за одбрана на интересите на Република Македонија, бидејќи времето и тековната состојба покажуваат дека е потребна рационализација на некои стереотипни состојби и отргнување на „патронизацијата" на одредени земји-членки на ЕУ кон државите од регионот на Западен Балкан. Критиките кон постигнувањата на државите од овие простори, кои долго време биле во меѓусебни воени конфликти, треба да бидат ублажени и треба да се покаже поголема толерантност кон Балканот. 

Господинот Хасипи, честитајќи му на изборот на функцијата, накратко ја образложи актуелната политичка ситуација во Република Македонија, за специфичната состојба во која се наоѓа земјата во евроинтегративниот процес, која и покрај наметнатиот спор со името, се соочува и со други барања. Иако сите овие состојби неминовно доведуваат до појава на евроскептицизам, Република Македонија продолжува со реформите, преку акциски планови и конкретни активности во евроинтегративниот процес, на сите нивоа на државните институции. Во однос на неприфаќањето на мандатите на пратениците од најголемата опозициона партија, г. Хасипи истакна дека на страната на мнозинството постои волја за дијалог, но не со ултимативен пристап, бидејќи владата не може да се менува со барања, туку со легитимен процес на избори и добивање на мандатите. Пратениците разменија мислења и во врска со спорот со името, во насока на тоа дека идентитетот не може да биде предмет на разговор, бидејќи грчката страна секогаш ги зголемува своите апсурдни барања, што доведува до натамошно закочување на евроинтегративниот процес на Република Македонија. Добро би било да се земе предвид примена на моделот на Словенија и Хрватска, кои и покрај спорот, изнајдоа сили да не дојде до блокирање на отпочнувањето на преговорите, туку истиот да тече паралелно со решавањето на билатералните спорови. 

Соговорниците го информираа г. Вајгл за редовните состаноци на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија, кои ја покажуваат посветеноста на парламентарците да даваат свој конструктивен придонес во позиционирањето на Република Македонија како држава која го заслужува местото на земја-членка на Европската унија. 

Господин Вајгл најави дека во текот на претстојната посета на Република Македонија ќе побара средби со сите политички претставници за да размени мислења по актуелните прашања, по прашањата на евроинтеграцијата на земјата, како и да ја пренесе својата посветеност да ѝ помогне на земјата во нејзината поголема визибилност во европските институции, особено во Европскиот парламент. 

Click