Делегации

Четврток, 27 ноември 2014 година, Стразбур

Втор ден на состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет

На вториот ден од состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европска унија, кој се одржува во Европскиот парламент во Стразбур, Француската Република, парламентарците од Собранието на Република Македонија и од Европскиот парламент имаа можност заеднички да дебатираат за повеќе прашања кои се однесуваа на актуелната политичка ситуација во државата по предвремените парламентарни избори, потоа за владеењето на правото, реформите во судството и администрацијата, борбата против корупцијата, за слободата на изразување и медиумите, економските и финансиските случувања, како и за добрососедските односи и регионалната соработка во контекст на ПСЈИЕ. 

Пратеникот г. Антонијо Милошоски се осврна на актуелната политичка ситуација во државата по предвремените парламентарни избори и истакна дека во однос на изборите, владата излегла во пресрет на предизборните барања на опозицијата во однос на назначувањето на претседател на ДИК, во изборната кампања да нема промоција на владините активности, видливо физичко обележување на раката на секој гласач и барање за предвремени парламентарни избори. 

„На денот на изборите, партиите имаа свои претставници на гласачките места и обезбедено присуство на ОБСЕ,ОДИХР, ЕП и други меѓународни организации. Опозицијата учествуваше во изборниот процес во двата круга и пред објавување на изборните резултати по изборите, опозицијата реши да не ги признава резултатите. Реален проблем е нејзиното отсуство и се работи активно со цел да се создадат услови со поддршка на Европската комисија за нивно враќање“, истакна г. Милошоски. 

Во однос на барањата на опозицијата, тој изрази подготвеност за излегување во пресрет, освен за формирањето техничка влада, која реално се формира само во вонредни услови во земјата, а не поради негирање на изборната волја на граѓаните. Во таа насока, ги повика европските колеги социјалисти да упатат апел за враќање на опозицијата, по примерот на нивните колеги од Европската народна партија. 

Господин Станишев изрази очекување дека земјата мора да направи напредок во слободата на медиумите, владеењето на правото и демократијата и да направи исчекор во процесот за потпишување Договор за добрососедство со Република Бугарија. Тој посочи дека потребен е јасен политички сигнал да се овозможи опозицијата да учествува во МПК, но и во сите активности на Собранието на Република Македонија, со цел да има претставеност на оној дел од општеството кој ги поддржува. Исто така, побара да се разгледаат нејзините пет барања и да се постапи по препораките од Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за одржаните избори оваа година во земјата. Во однос на проширувањето, го истакна позитивниот скорешен пример на Република Хрватска. 

Господин Џамбаски истакна дека Бугарија ја признава Македонија под нејзиното уставно име и изрази очекување за идни заеднички активности во однос на заедничко одбележување на празници и активности за овозможување на слободно здружување и за слободно изразување во Република Македонија и побара избегнување активности кои може да предизвикаат провокации во соседните земји. Во делот на изборите, побара средување на Избирачкиот список.  

Пратеникот г. Беким Фазлиу во своето излагање нагласи дека доаѓа од опозициска партија која целосно ги поддржува евроинтеграциите заради мирот, безбедноста и просперитетот на граѓаните и побара Владата повеќе да се заложи кон евроинтегративните процеси, особено во однос на однос на спроведување на Рамковниот договор, владеењето на правото, медиумите, недостигот на политички дијалог, за кој, како што рече, опозицијата носи дел од одговорноста. На крајот, нагласи дека Изборниот законик е донесен без нивна согласност, но заради евроинтегративните процеси учествува во работата на Собранието и смета дека многу од проблемите ќе се решат со отпочнување на преговорите за членство.

Копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија, г. Кенан Хасипи, во рамките на реформите на државната и јавната администрација, истакна дека новите закони за административни и за јавни службеници стапуваат во сила на 3 февруари 2015 г., при што се очекува  истите да ја консолидираат законодавната рамка за државни и јавни службеници и да ги надминат недостатоците кои произлегуваат од фрагментираната законска рамка, а пред сè ќе го унапредат постојниот административен систем на Република Македонија. 

Во однос на борбата против корупцијата, тој информираше дека се започнати активности за измена на Законот за спречување на корупцијата, кои ќе обезбедат соодветни законски одредби за систематска и институционална заштита за лицата кои пријавуваат случаи на корупција, како и воведување на концептот на интегритет. Истакна дека постои забележливо подобрување во однос на систематската проверка на новопримените изјави за конфликт на интереси на избраните/именуваните функционери, а во согласност со препораките на ЕК за отстранување на директната инволвираност на министерот за внатрешни работи во одобрението за прислушување, беа донесени соодветни измени на Законот за следење на комуникациите. 

Пратеникот г. Антонијо Милошоски по точката за слободите на медиумите, истакна дека имаше издржана јавна дебата со Здружението на новинарите и беше заеднички констатирано дека нема воспоставено единствена европска пракса во однос на клеветата и навредата, туку дека тие се кривични дела. Постигната е значајна урамнотеженост во медиумскиот простор во однос на рекламните кампањи и рекламирањето, но треба да се земе предвид дека рекламирањето има своја пазарна логика. Министерството за информатичко општество и администрација одржува редовни состаноци со новинарите, а значајно за одбележување е и тоа што предлозите на законите од медиумската сфера не се носат по скратена постапка.   

По точката за добрососедски односи и регионални иницијативи, пратеникот г. Артан Груби истакна дека главните белези на нашата проактивна политика кон соседните земји се насочени кон интензивен развој на билатералните односи, јакнењето на меѓусебната доверба и реализација на конкретни иницијативи и проекти за што побогата соработка.  

Во однос на Албанија, истакна дека постои одлична соработка, а интензитетот на  реализирани билатерални посети на сите нивоа, е еден од најдобрите показатели за квалитетот на заедничките односи, кои минатата година бележеа 20-годишнина од воспоставувањето дипломатски односи. 

Мошне значајно е потпишувањето на Спогодбата за отворање на заеднички граничен премин Џепиште-Требиште, како и официјалната инагурација на работата на Заедничкиот контакт центар за полициска соработка на ГП Ќафасан, но и отворањето на почесниот конзулат на Република Македонија во Драч, со што се потврдува квалитетот и динамиката на развојот на добрососедските односи. 

Помеѓу Република Македонија и Република Косово постои одлична билатерална соработка, за што сведочат министерските посети и средби помеѓу двете земји, потоа потпишаната заедничка Финансиска спогодба за прекугранична соработка помеѓу двете земји, како и повеќе други договори кои ги регулираат односите меѓу двете земји во повеќе области. 
Во однос на прашањето за разликата околу името со Грција, Република Македонија се заложува за интензивирање на процесот кој се води во рамките на ОН, во добра верба, со активен и конструктивен пристап,  во насока на надминување на разликата и во согласност со принципите и нормите на меѓународното право.

Госпоѓа Марија Спираки ги изрази веќе добро познатите грчки ставови во однос на застојот во евроинтеграцијата на Македонија и за решавањето на разликите околу името и повика на избегнување на активности кои лошо влијаат на билатералните односи меѓу двете земји. 

Во тој контекст, г. Милошоски повика на примена на одлуката на Меѓународниот суд од Хаг и предложи по примерот на соседите во регионот, да се одржи заедничка седница на Владите на Република Македонија и Република Грција. 

Господин Ѓорчев побара проекти за развој на инфраструктурата и отворање повеќе нови гранични премини со Грција и со Бугарија.  

Господин Петерле повика на преовладување на европски, а не на националистички пристап со поголема сензитивност за прашањето за името, како и сериозно да се пристапи во изнаоѓање на модел сличен на словенечко-хрватското решение. 

„Во прашање е кредибилитетот и треба да ги ставиме нештата во перспектива и контекст дека европското решение е најдобро решение, со оглед на фактот што Грција се согласи со Солунската агенда и со Договорот за стабилизација и асоцијација“, истакна тој. 

Госпоѓа Бонева истакна дека, за жал, единствен начин за комуникација со грчките колеги пратеници е преку одржување на состаноците на овој Комитет, бидејќи многу обиди досега за директна комуникација со нив останале неуспешни, и покрај тоа што во Собранието на Република Македонија, веќе пет мандати по ред, се формира Пратеничка група за соработка со Парламентот на Република Грција, без никаква активност досега. Укажа дека е неопходен дијалог помеѓу парламентите на Република Македонија и Република Грција, преку директни контакти со грчките колеги, како и на ниво на извршната власт. 

Господин Ковачев се согласи со тоа што го истакнаа неговите колеги, со очекување дека еден ден границите ќе се надминат, дека ќе има напредок во инфраструктурните проекти и трговијата за младите да можат слободно да живеат и да работат во регионот. 

Господин Хасипи изрази очекување дека соседите наместо да ја попречуваат Македонија во процесот на евроинтеграции, треба да бидат силен поддржувач на Република Македонија во процесот паралелно да се отпочне со преговорите и во текот на процесот да се надминат отворените прашања, со што историјата ќе се остави на Академиите на двете земји и во таа насока ги поздрави заедничките состаноци на Академиите на науки и уметности на Македонија и Бугарија.  

Во однос на економските и финансиските случувања, г-ѓа Бонева истакна дека споредено со другите земји во регионот и имајќи ги предвид последиците од финансиската криза во еврозоната и во светот во последните години, продолжи трендот на раст на БДП и пад на инфлацијата во Македонија. Земјата останува умерено задолжена и работи на активни мерки за вработување на младите, што резултира, за прв пат по две децении, со пад на стапката на невработеност на околу 28%. Што се однесува до конкурентноста, таа истакна дека Република Македонија постигна подобрување за 10 позиции и беше рангирана на 63. место во „Извештајот за глобална конкурентност 2014-2015“ објавен од Светскиот економски форум, што претставува второ по ред подобрување на рангот на конкурентноста на македонската економија.

Госпоѓата Малетиќ посочи дека Македонија направила голем исчекор во економските реформи, кој е забележан во Извештајот за напредокот на земјата и дека Унијата има нефер однос кон земјата која спроведува реформи со поголем ентузијазам од многу земји-членки на Унијата. Во однос на прашањето на разликите за името со Република Грција, смета дека тоа не треба да биде пречка за Македонија и дека ќе се изнајде начин земјата да продолжи со интеграцијата, бидејќи Република Македонија и досега многу има направено и може да биде многу вредна земја-членка на Унијата во иднина. 

По завршувањето на состанокот, копретседавачите дадоа Заедничка изјава.

Click