Активности



Петок, 9 октомри 2009

Делегација на Собранието на Република Македонија предводена од претседателот на Собранието г. Трајко Вељаноски оствари средби со државниот врв на Хрватска

Делегација на Собранието на Република Македонија предводена од претседателот на Собранието г. Трајко Вељаноски, а во која се и пратениците Благородна Дулиќ, Вулнет Амети и Томе Чингоски која од вчера е во официјална посета на Република Хрватска денеска оствари одделни средби со државниот врв на Хрватска.

На средбата со претседателот на Хрватскиот сабор Лука Бебиќ и  двете делегации ги истакнаа високо развиените  пријателски односи меѓу двете држави, а во тие рамки и редовните средби и соработка меѓу двата законодавни дома. Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски го поздрави неодамнешниот договор меѓу Хрватска и Словенија, со кој и е овозможено  на Хрватска да ги продолжи преговорите со ЕУ. Со ова и двете страни покажаа дека не само декларативно, туку и фактички ги почитуваат европските стандарди, а во истовреме и одговорност за иднината на ЕУ. Република Македонија очекува врз постигнатите резултати во извештајот на ЕК, кој треба да се објави наскоро, да добие препорака за датум за започнување на преговорите, истакна Вељаноски.

Претседателот на Хрватскиот сабор Лука Бебиќ подвлече дека билатералните спорови не можат да бидат пречка за евроатлантските интеграции. Поздравувајќи ја неодамнешната препорака за укинување на визниот режим за граѓаните на Република Македонија очекувам сега Македонија да добие и препорака за датум за започнување на преговорите. А токму тука можеме да ја интензивираме и соработката меѓу двата законодавни дома, истакна претседателот на Хрватскиот сабор Лука Бебиќ.

На средбата со хрватскиот претседател Стјепан Месиќ претседателот на Собранието Трајко Вељаноски истакнувајќи ги високо развиените односи меѓу двете држави посебно ја истакна соработката меѓу двата парламента. Ова е посебно важно,  бидејќи двете држави се определија за членство во ЕУ. Оваа парламентарна  соработка ја зајакнуваат стабилноста на Балканот, а ја покажуваат и нашата вистинска европска определба, но и историската и културната припадност. Во рамките на билатералните односи претседателот на Собранието Трајко Вељаноски  ја истакна и улогата на македонската етничка заедница   во Хрватска и  хрватската етничка заедница во Република Македонија, која дава значаен придонес во целокупниот развој на Република Македонија. Претседателот на Република Хрватска Стјепан Месиќ посочувајќи го континуираниот тренд на високо развиените билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Хрватска истакна деке и двете држави даваат голем придонес во стабилноста на регионот и неговата европска иднина. Очекувам многу брзо Република Македонија  да го надмине сегашниот спор и да го заземе заслуженото место на полноправна членка во НАТО, а исто така и да ги започне преговорите со ЕУ, истакна хрватскиот претседател Стјепан Месиќ.

На средбата со претседателот на хрватската Влада Јадранка Косор претседателот на Собранието Трајко Вељаноски посебно се задржа на економската соработка меѓу двете стопанства. Убеден сум дека економската соработка меѓу нашите држави може да биде многу поголема и во повисоки форми, пред сe преку инвестиции, имајќи предвид дека Република Македонија со своето законодавство, но и со други потези создава многу позитивна клима за странските инвеститори, а тоа го истакнуваат и меѓународните институции.  Ова е уште поважно сега, кога се среќаваме со  светската економска криза, истакна претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Претседателот на хрватската Влада Јадранка Косор,   исто така, подвлече дека економската соработка е многу значајна како во билатералните односи, така и пошироко. Излезот од економската криза е процес кој налага сериозен пристап, а во тие рамки јас сум убедена дека владите на двете држави, но и другите институции преземаат многу сериозни мерки за нејзино надминување. Затоа очекувам,  пред сe, од стопанските  субјекти на двете држави, тргнувајќи од своите економски интереси, да иницираат конкретни проекти за натамошен развој на економската соработка. Во врска со евроатлантските интеграции на Македонија и Хрватска таа  верува дека Македонија ќе добие препорака за датум за преговори. 

Click