Активности

Вторник, 20 октомври 2009 година, Женева

Делегација на Собранието на Република Македонија оствари средба со швајцарската ИПУ делегација

Во рамките на 121 Собрание на ИПУ, Делегацијата на Собранието на Република Македонија оствари средба со швајцарската ИПУ делегација. На средбата учествуваа потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г. Јани Макрадули, кој воедно е и претседател на Управувачкиот совет на Парламентарниот институт, потоа, г. Рафиз Аљити, потпретседател на Собранието, г-ѓа Силвана Бонева и г-ѓа Фљора Кадриу, членови на Управувачкиот совет. Од швајцарска страна на средбата учествуваа г-ѓа Дорис Стамп, шеф на швајцарската ИПУ делегација, г. Даниел Зендер, пратеник, г-ѓа Романа Тедеши, програмски менаџер за Македонија во швајцарската Агенција за развој и соработка и г. Дидиер Шасо, координатор за Југоисточна Европа во Министерството за надворешни работи на Швајцарија.

Од двете делегации беше нагласена потребата за поинтензивна парламентарна соработка, со што би се дополнила започнатата соработка помеѓу Собранието и швајцарската Агенција за развој и соработка, особено во процесот на основање на Парламентарниот институт во Собранието на Република Македонија. Двете страна се согласија за значењето  на Институтот, со што ќе се зајакне законодавниот и надзорно аналитичко-истражувачкиот капацитет  на Собранието.

Од швајцарска страна беше изразена подготвеност, швајцарскиот парламент преку Агенцијата за развој и соработка да ја зајакне експертската и логистичка поддршка на Парламентарниот институт, и во таа функција беше предложено во 2010 година да се реализира студиска посета на швајцарскиот парламент. За дополнително унапредување на односите помеѓу двата парламента беше предложена и соработка меѓу нивните информатички сектори.

Воедно на средбата беа разменети искуства и за собранискиот канал и канцелариите за контакт со граѓаните.

На крајот, беше изразена пофалба за последниот извештај од страна на Европската комисија, и беше нагласена поддршката за брзо решавање на спорот со името, нагласувајќи дека тие во билатералната комуникација со нашата држава го користат нашето уставно име.

Click