Активности



Петок, 16 октомври 2009 година

Меѓународната парламентарна стипендија го јакне младиот образовен кадар

Претседателот на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Сојузна Република Германија, г. Јован Гинев и членовите, остварија средба со г.Хелмут Ламп, пратеник од германскиот Бундестаг. Во германската делегација беа и г. Герхард Ракениус, декан за студиски прашања при Факултетот IV на Техничкиот универзитет во Берлин и заменик-раководител на рефератот ИО и г-ѓа Улрике Кноц, амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Македонија.

На средбата г.Јован Гинев ги истакна добрите билатерални односи со Сојузна Република Германија како пријателска земја и голем поддржувач на Република Македонија за интегрирање во НАТО и ЕУ.

По добиениот позитивен Извештај од Европската комисија и очекување на датум за преговори за членство во ЕУ, г. Јован Гинев изјави дека очекува конструктивна поддршка од Германија. Тој се заблагодари што младите луѓе од Македонија можат да ја користат меѓународната парламентарна стипендија за млад образовен кадар Централна, Источна и Југоисточна Европа, која ја доделува Германија.

Г.Хелмут Ламп истакна дека македонското собрание ги подготвува младите луѓе за политичкиот, економскиот и академскиот живот и тие подготвени доаѓаат во Германија, а потоа имаат можност стекнатото искуство од Германија да го искористат во Македонија.

Германскиот пратеник, исто така, го изрази своето задоволсто што се наоѓа во Република Македонија во историски момент на добивање на позитивен Извештај од Европската комисија, што ќе ја направи Македонија уште поинтересна за германскиот Бундестаг. Воедно, тој истакна дека ќе препорача во иднина да се воспостават поинтензивни контакти и размена на мислења меѓу двете држави.

На средбата зедоа учество и членовите на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Сојузна Република Германија, г.Рафиз Алити, г.Александар Спасеновски и г-ца Христина Рунчева, кои потенцираа дека овие односи меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија и понатаму ќе продолжат на многу високо ниво.

 

 

Click