Активности



Петок, 30 октомври 2009 година

Прифатено барањето на Вацлав Клаус за Лисабонскиот договор

На Самитот на Европската унија во Брисел, претставниците на 27-те земји-членки на ЕУ го прифатија барањето на Чешка да биде изземена од Повелбата за човекови права која е составен дел од Лисабонската спогодба.

Чешкиот претседател Вацлав Клаус го постави тоа како услов за Договорот да биде ратификуван во Чешка, со цел да се исклучи можноста Германците, кои биле протерани од Чехословачка по Втората светска војна, да можат да бараат враќање на имотите во Чешка.

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо на самитот на ЕУ изјави: „Вечерва постигнавме важна цел. Новиот договор ме потсетува на маратон, но маратон со пречки. Ја отстранивме последната политичка пречка, што значи Лисабонскиот договор ќе може да стапи во сила наскоро”.

Покрај потписот на претседателот Клаус се чека и на одлуката на Уставниот суд, кој треба да ја оцени жалбата на група сенатори кои сметаат дека  Договорот го крши чешкиот суверенитет и Устав. Се очекува одлуката на Уставниот суд да биде соопштена на 3 ноември, доколку тој ја отфрли тужбата на група конзервативни сенатори против Лисабонскиот договор, тој ќе може да стапи во сила до крајот на годинава.

 


 

 

Click