Активности



 Среда, 28 октомври 2009 година, Букурешт, Романија

Делегација на Собранието на Република Македонија во ПД на ЦЕИ учествува во работата на годишната сесија на Парламентарното собрание на ПД на ЦЕИ во Букурешт, Романија


Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД на ЦЕИ) предводена од шефот на делегацијата, г. Петар Поп Арсов, а во чиј состав се и членовите Јован Лазарев и Марјанчо Николов, учествува во работата на годишната сесија на Парламентарното собрание на ПД на ЦЕИ што се одржува во Букурешт, Романија.

Сесијата ја отвори претседателот на Сенатот на Романија, г. Мирчеа-Дан Џоана, а присутните ги поздравија и г-ѓа Роберта Алма Анастасе, претседател на Домот на пратениците на Романија, како и г. Ласло Борбелз, шеф на романската делегација во ЦЕИ.

Работниот дел на Парламентарното собрание на ПД на ЦЕИ се одвива во две сесии. Во првата сесија учесниците расправаа за мерките за подобрување на вработувањето и заштитата на ранливите групи, додека во втората сесија се дискутира за промовирањето на можностите за привлекување на инвестиции.

Петар Поп Арсов, во неговите излагања во двете сесии, се осврна на придонесот на државните органи на Република Македонија во правец на овозможување на што поголемо вклучување во пазарот на трудот на ранливите групи. Тој ги истакна мерките што Владата на Република Македонија ги презема на овој план, вклучувајќи ги разните погодности и субвенции за секоја категорија на ранливите групи, како што се децата без родители, лицата со посебни потреби, самохраните родители, постарите лица и Ромите.

Што се однесува до активностите за привлекување на инвестиции, Поп Арсов ги наброи мерките што се преземаат од страна на Република Македонија. Посебно го истакна формирањето на слободните економски зони, како и реформите на законските и подзаконските решенија за олеснување на формирање бизнис, како што е регулаторната гилотина, Централниот регистар, и поедноставување на процедурата за основање на фирма, изнесувајќи го податокот дека во Република Македонија фирма може да се основа за четири часа и на едно место (Централен регистар).

Click