Активности

Понеделник, 19 октомври 2009 година


Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска го прими амбасадорот на Куба за Република Македонија, Н.Е. г. Херардо Суарез Алварез



Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска денеска го прими во работна посета амбасадорот на Куба за Република Македонија, Н.Е. г. Херардо Суарез Алварез.

На средбата потпретседателката истакна дека за Република Македонија е од интерес да се унапредат пријателските односи со Куба и да се динамизира севкупната соработка меѓу двете држави, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Соработката на мултилатерален план, особено во рамките на ООН е добра, а ова се потврдува со поддршката што Република Македонија ја даде во врска со усвојувањето на резолуција на Генералното собрание на ОН по прашањето на неопходноста од укинување на економските санкции на САД против Куба, изјави потпретседателката на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска.

На средбата се истакна дека меѓу Република Македонија и Куба постојат бројни можности и потенцијали за развивање разни форми на билатерална, а пред се, на стопанска соработка. Исто така, постои интерес за развој на односите меѓу двете држави во областите од заеднички интерес, како што се културата, образованието и медицината.

Освен контактите остварени во рамките на состаноците на Интерпарламентарната унија, не постои дополнителна соработка меѓу парламентите на Република Македонија и на Република Куба и поради тоа беше поздравена заложбата на амбасадорот на Куба за Република Македонија, Н.Е. г. Херардо Суарез Алварез за воспоставување на меѓупарламентарна соработка, како и формирање на групи за пријателство и соработка во парламентите на двете држави.

Click