Активности



Петок, 16 октомври 2009

Триесет и осма седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Триесет и осмата седница одржана на 13 октомври 2009 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за персонален данок на доход(прво читање).

Образложение по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за персонален данок на доход даде пратеникот Јован Лазаров  во својство на претставник на предлагач. Тој истакна дека со примената на Законот за персонален данок на доход во практиката се покажаа одредени правни празнини. Имено, со одредбите на овој закон се одданочуваат патните и дневните трошоци за настап на националните спортски федерации на светските и европските првенства и други меѓународни натпревари, како и на спортските клубови за настапи на официјални меѓународни натпревари. Во членот 6 од  Законот предвидено е дека од плаќање на персонален данок се ослободени патните и дневните трошоци на вработените во правните субјекти. Бидејќи државните репрезентативци и водството на репрезентациите не се вработени во националните федерации, во последните години сите патни и дневни трошоци, односно авионските карти и хотелските сметки, се одданочуваат.

Од наведените причини се предлага надоместокот за трошоци за службени патувања (трошоци за превоз, сместување и исхрана) при патување на државните репрезентации и спортските клубови на официјални првенства и меѓународни натпревари да бидат ослободени од плаќање на персонален данок на доход.

Во претресот учествуваа пратениците Јован Манасијевски, Миле Андонов и Владанка Авировиќ.

Комисијата едногласно заклучи дека  Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за персонален данок на доход е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

 

Click