Република Македонија  на патот кон ЕУ

По прогласувањето на независноста во јануари 1991 година, Република Македонија го истакна членството во Европската унија како една од нејзините стратешки интерес. Остварувајќи ја оваа определба, Република Македонија се легитимира како партнер од доверба и сојузник на Европската унија, кој мина низа етапи во односите, приближувањето и интегрирањето на ЕУ.

На 15 јануари 1992 година, Европската унија формираше  Арбитражна комисија, предводена од претседателот на Уставниот суд на Франција, Робер Бадинтер. Комисијата заклучи дека Република Македонија ги задоволува сите услови за меѓународно признавање и дека името не претставува територијална закана.

Меѓутоа заради спротиставувањето на Грција Република Македонија да се признае под уставното име, задоцни процесот на меѓународно признавање и воспоставување на дипломатски односи со ЕУ. Целосните дипломатски односи меѓу РМ и ЕУ се воспоставени во декември 1995 година, кога е отворена и мисијата на РМ во ЕУ.

Република Македонија од 1996 година е корисник на Програмата ФАРЕ (Phare), програма создадена  од ЕУ за помош на реформите на земјите од Централна и Источна Европа, насочени кон пристапување во ЕУ.

Во април 1997 година потпишана е Спогодба за соработка меѓу Република Македонија и Европската заедница, како и Спогодба во областа на транспортот, а потоа и за текстилот. Потоа Европската унија отвори претставништво, односно канцеларија на Европската комисија во Република Македонија. 

Во февруари 1998 година за прв пат се одржа политички дијалог меѓу РМ и ЕУ, а во март истата година се одржа првиот состанок на Советот за соработка меѓу РМ и ЕУ. Тој успешно функционираше се до воспоставување на новото тело со Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Европската комисија во 1999 година, оформува нова рамка во која се одвива соработката на ЕУ со земјите  од т.н. Западен Балкан. (Република Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Република Хрватска), кој го нарече Процес за стабилизација и асоцијација (ПСА).

Канцеларијата на Европската комисија во 2000 годна беше подигната на ниво на Делегација на Европската комисија.

Советот на министри на Европската унија во декември 2000 година  донесе Одлука (Регулатива) со која се воспостави КАРДС (CARDS)  програмата, како програма за помош на Европската унија на земјите кои припаѓаат на Процесот на стабилизација и асоцијација.

Република Македонија е прва држава од земјите  учеснички во ПСА која ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација во април 2001 година.

На 22 март 2004 година, во Даблин, Република Ирска, Владата на РМ поднесе барање за членство во ЕУ со што се потврди континуираната  и јасна политички определби за приклучување кон Унијата.

На Самиот во Брисел на 17 декември 2005 година, Европскиот совет реши Република Македонија да се стекне со статус земја кандидат за членство во ЕУ. Оттогаш на крајот на годината, Европската комисија објавува редовни извештаи за напредокот на Република Македонија.

На 30 октомври 2007 година се потпишани  Финансиска  спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Комисијата на Европските заедници за Националната програма за 2007 година во рамките на инструментот за претпристапна помош (ИПА) и Рамковната спогодба помеѓу Република Македонија и  Комисијата на Европските заедници за правилата за соработка во врска со финансиската помош.  Република Македонија е прва земја во регионот чии проекти беа одобрени од Европската комисија и прва земја во регионот која ја потпиша Финансиска спогодба со што се овозможи користење на средствата од ИПА-фондовите.

На 1 јануари 2008 година стапи на сила Спогодбата за визно олеснување и Спогодбата за реадмисија со ЕУ.

На 18 февруари 2008  година, Европскиот совет го усвојува Пристапното партнерствоза земјата, обновувајќи го претходното Европско партнерство од 2006 година.

Во февруари 2008 година, отпочна дијалогот за визна либерализација за граѓаните на Република Македонија.

Во март 2008 година, Европската комисија ја усвои комуникацијата за Западен Балкан, во која се изложуваат одредниците за преминување во следната фаза од пристапниот процес .

Истата година, во месец мај, Европската комисија го презентираше патоказот за визна либерализација, во кој јасно и прецизно беа дефинирани одредниците, по блокови, кои требаше да се исполнат од страна на Република Македонија.

Од страна на Европскиот Парламент на 12 март 2009 година усвоена е Резолуција  за извештајот за напредокот на Република Македонија во 2008 година во која се предлага отпочнување на преговорите за членство во ЕУ.      

На 15 јули 2009 година, Европската комисија, врз основа на направените реформи и постигнатите резултати,  одлучи да даде предлог за доделување на визна либерализација за граѓаните на Република Македонија.

По својот извештај објавен на 14 октомври 2009 година, Европската комисија, одлучи да предложи отворање на преговорите за пристапување на Република Македонија во Европската Унија. Одлуката беше донесена врз основа на убедливиот напредок постигнат и значителната работа на клучните реформски приоритети, познати како одредници 8+1, а особено  исполнувањето на копенхашките политички критериуми.

На 1 декември 2009 година, по долг и макотрпен процес на преговори, по неуспешните референдуми во Франција и Холандија, а после и во Ирска, со повторен обид и со правење на одредени отстапки, стапи на сила Лисабонскиот договор, кој покрај зголемувањето на надлежностите на Европската унија, Европскиот парламент и националните парламенти на земјите членки, го отвори патот за реформи на институциите за нови проширувања со нови земји членки во ЕУ, вклучително и на Република Македонија.

На 30 ноември 2009 година, Европскиот совет на својот состанок донесе одлука за визна либерализација за граѓаните на Република Македонија со важност од 19 декември 2009 година.

Европскиот парламент, на својата седница одржана на 10 февруари 2010 година, ја изгласа Резолуцијата по Извештајот за напредокот на Република Македонија во 2009 година, во која бара од Европскиот совет, без понатамошно одлагање, на својот Самит во март 2010 година, да ја потврди препораката на Европската комисија и да донесе одлука за отпочнување на преговорите за членство со Република Македонија, со напомена дека јасната перспектива за членство во ЕУ е главната движечка сила за реформи во земјата, од исклучителна важност за политичката стабилност и заедничка цел на политичките актери и етничките групи во Република Македонија.

Пристапување кон Европската унија

Секоја  држава која сака да стане полноправна членка на Европската унија, својата намера ја изразува со поднесување на барање за членство кое го предава на Советот на Европската унија.  Советот ја задолжува Европската комисија да ја процени способноста за исполнување на критериумите и условите за пристапување на земјата  кон ЕУ.

Критериумите кои секоја земја мора да ги задоволи во јавноста се познати како Копенхашки критериуми, а можат да се поделат на политички, економски и административни. Во однос на политичките критериуми станува збор за стабилност на институциите кои ќе гарантираат демократија, владеење на правото, заштита на човековите права и почитување и заштита на правата на малцинствата.

Критериумите кои ги донесе Европскиот совет на седница во Копенхаген во 1993 година вклучуваат и постоење и функционирање на пазарна економија која мора да биде во можност да се справи со притисокот на пазарот и правилата на европската економија, односно да биде во можност да се справи со притисокот на конкуренцијата и пазарните сили внатре во Унијата.(економски критериуми) 

Исто така, секоја земја кандидат мора да биде спремна да ги преземе сите обврски и одговорности во насока на прифаќање и исполнување на целите на политичката и економската и монетарната унија(критериум на вградување на acguis communautaire).

Таканаречените административни критериуми, познати и како Мадридски критериуми, утврдени на седница на Европскиот совет во 1995 година, бара секоја земја кандидат да биде способна да создаде услови за прилагодување на националната административна структура кон механизмите кои функционираат во јавната администрација на ЕУ.

Ако мислењето на Комисијата е позитивно, а Советот едногласно го поддржи до донесување на преговарачка рамка, преговорите за пристапување на нова членка се сметаат за официјално започнати (отворени).

Нужен предуслов во процесот на пристапување е донесувањето на претпристапна стратегија чија цел е да ја подготви земјата за идното членство. Претпристапната стратегија вклучува многубројни документи и механизми како што се договори за здружување, договор за стабилизација и пристапување, економски договори и конвенции, европски партнерства, претпристапна помош, кофинансирање од меѓународни финансиски установи, учествување во програмите на ЕУ, во работата на агенциите на ЕУ, донесување на национална програма за усвојување на европското законодавство и извештаи за напредокот кон политичкиот дијалог.

Прв чекор во процесот на преговори е таканаречениот screening, односно аналитички преглед и усoгласување на законодавството на земјата кандидат со законодавството на ЕУ. Screening се спроведува по тематски поглавја, а врз основа на позитивниот извештај за завршувањето на screening за секое поглавје понатаму се отвора процесот на преговори. Нему му претходи утврдувањето на преговарачките позиции на земјата кандидат.

 Европската комисија континуирано го известува Советот на Европската унија и Европскиот парламент за напредокот на процесот на преговарање, а извештаите и на земјата кандидатка и служат како своевидни упатства за квалитетот на подготовката за членство во ЕУ. Во текот на преговорите земјите кандидати добиваат помош од ЕУ  за да им се овозможи полесно да го достигнат нивото на економскиот развој на Унијата.

Кога преговорите за сите поглавја ќе бидат завршени, Советот на Европската унија и земјата кандидат, врз основа на заклучоците од преговорите, заедно составуваат предлог на договор за пристапување кон Европската унија. Предлогот на договорот мора да добие позитивно мислење од страна на Европската комисија и едногласна потврда од Европскиот парламент пред да се даде на ратификација на државите членки  на Европската унија. По завршувањето на процесот на ратификација на договорот за пристапување во сите земји членки, земјата кандидат станува полноправна членка на Европската унија.

 

 

     

Click