Активности

Петок, 15 oктомври 2010 година, Национален совет за евроинтеграции

Јавна расправа по Предлог-законот за безбедност на храна

Националниот совет за евроинтеграции продолжува со организирање на јавни расправи за законите за кои е неопходна поширока дебата која ќе овозможи донесување на квалитетни закони и квалитетна подготовка за прифаќање на обврските од членството на Република Македонија во Европската унија. Предлог-законот за безбедност на храна произлегува од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија (НПАА Ревизија 2010).

Образложение на Предлог-законот и објаснување на содржината на одредбите даде заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г. Перица Ивановски. Законот за безбедност на храната претставува генерален закон со кој се уредува безбедноста на храната и храната за животни, а негова основна цел е да обезбеди висок степен на заштита на здравјето на луѓето, заштита на интересите на потрошувачите, ефикасно функционирање на внатрешниот пазар на храната и да воспостави систем на контрола за безбедност на храната. Со законот се уредуваат основните обврски на операторите со храна и храна за животни кои се вклучени во производството, преработката, складирање, дистрибуција, увоз и извоз на храна. Со новиот закон се предвидуваат институционални промени, се воведува интегриран пристап со цел подобрување на состојбите во областа. Агенцијата за храна и ветеринарство ќе ги инкорпорира постојните две институции, Дирекцијата за храна при Министерството за здравство и Управата за ветеринарство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. На овој начин ќе се воспостави единствен систем за контрола на храна и храна за животни, компатибилен со системот воспоставен во земјите-членки на ЕУ. Новиот закон за безбедност на храната ќе претставува основа за донесување на голем број на подзаконски акти, дополнително ќе треба да се изврши усогласување, односно измени на други шест закони што се во сила и кои ја регулираат безбедноста на храната во државата.

Учесниците ја поздравија иницијативата на Националниот совет за евроинтеграции за организирањето на Јавната расправа, а во текот на истата беа изнесени предлози, забелешки и коментари со цел подобрување на текстот на одредбите од предложениот закон.

На јавната расправа со свои дискусии, предлози, забелешки и коментари учествуваа:  г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет, г. Васко Шутаров и г. Никола Ќуркчиев, пратеници во Собранието на Република Македонија, г. Дејан Рунтевски, директор на Управата за ветеринарство, г-ѓа Маријана Лончар-Велкова, претставник од Организацијата на потрошувачи на Македонија, г-ѓа Марина Поповска-Домазетова, директор на Дирекцијата за храна, г-ѓа Анета Атанасовска, претставник од Занаетчиската комора-Скопје, проф. д-р Михаил Кочубовски, претставник од Институтот за јавно здравје на Република Македонија, г. Адулезел Догани од Управата за ветеринарство и г-ѓа Мирјана Боцевска од Технолошко-металуршкиот факултет.

покана Предлог-закон за безбедност на храна заклучоци стенографски белешки

Click