Активности

Среда, 12 септември 2012 година

ЈАВНА РАСПРАВА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ПО ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ПОЛИЦИЈА

Националниот совет за евроинтеграции денеска одржа јавна расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полиција. Донесувањето на законот за изменување и дополнување на Законот за полиција е предвидено со Националната програма за усвојување на правото на Европската унија-ревизија 2012 година

Законот е дел од Анексот 2 на Мислењето за усвојување на правото на Европската унија во текот на 2012 година, што Националниот совет за евроинтеграции со консензус го усвои на седницата одржана на 8 февруари 2012 година.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полиција го образложи г. Џељаљ Бајрами, заменик-министер за внатрешни работи.

Во своето излагање, г. Бајрами истакна дека со Законот за полиција (,,Службен весник на Република Македонија” бр.114/06 и 6/09), нормaтивно правно се уредуваат полициските работи, организацијата на полицијата, полициските овластувања и правата и обврските што произлегуваат од работниот однос на полициските службеници во Министерството за внатрешни работи, што не се уредени со Законот за внатрешни работи.

Поаѓајќи од принципот на конзистетност на правниот систем, кој претпоставува меѓусебна усогласеност на позитивните правни прописи, се наметна потребата од изменување и дополнување на Законот за полиција, во насока на допрецизирање на постојните и пропишување на нови одредби, заради негово усогласување со Законот за кривичната постапка. Дел од одредбите на Законот за кривична постапка влегуваат во сила од декември 2013 година.

Во насока на усогласување со Законот за кривичната постапка, г. Бајрами како позначајни ги издвои одредбите од Предлог-законот  што се однесуваат на уредувањето, разработката на институтот криминалистичко истражување, одредбите со кои се пропишуваат полициските овластувања како: лишување од слобода, прикриено полициско дејствување, влегување во туѓ дом и други затворени простории, препознавање, полиграфско тестирање.

Со одредбите на Предлог-законот за прв пат се уредува кога и на кој начин полицијата врши криминалистичко истражување. Решенијата кои ги содржи Предлог-законот се круцијални за ефикасно функционирање на полицијата во борбата против криминалот.

Заменик-министерот за внатрешни работи, г. Бајрами, информираше дека при подготовката на Предлог-законот, користено е компаративното искуство на хрватската полиција, направени се компаративни истражувања на легислативата на одредени земји-членки на ЕУ.

Како резултат на потребата од надминување на одредени проблеми детектирани во процесот на имплементација на Законот за полиција врз основа на неговата досегашна примена, наметната е потребата од прецизирање на повеќе одредби во правец на содржинско допрецизирање и подобрување на постојните решенија, со цел унапредување на законодавството во областа на полициското работење во рамките на новиот концепт воспоставен со Законот за кривичната постапка.

Заменик-министерот за внатрешни работи, г. Бајрами, потенцираше дека понудените решенија во Предлог-законот се конструктивни и се базираат на успешната соработка која Министерството за внатрешни работи ја остварува со Јавното обвинителство, Дирекцијата за заштита на личните податоци, професори и експерти од соодветната област.

На јавната расправа, со свои мислења, предлози, забелешки и коментари учествуваа: г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Советот; г-ѓа Силвана Бонева, потпретседател на Советот; г. Оливер Спасовски, пратеник и член на Комисијата за одбрана и безбедност; г-ѓа Маргарита Цаца-Николовска, претставник од Институтот за човекови права; проф. д-р Гордан Калајџиев од Правниот факултет - Скопје и претставник на Хелсиншкиот комитет за заштита на човековите права на РМ, проф. Миодраг Лабовиќ од Факултетот за безбедност – Скопје; г-ѓа Аница Томшиќ-Стојковска од канцеларијата на Народниот правобранител на Република Македонија и г-ѓа Нада Наумовска од Фондација отворено општество-Македонија.

На јавната расправа беа изнесени мислења дека Законот за полиција е особено значаен закон и за неговите измени е потребна продлабочена расправа и суштинска анализа и допрецизирање особено на одредбите од законот кои се однесуваат на заштитата на човековите права и слободи.


  Покана                 Предлог на закон                 Извештај                 Заклучоци

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.