Активности

Четврток, 7 јуни 2012 година

ЈАВНА РАСПРАВА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Националниот совет за евроинтеграции денеска одржа јавна расправа по работната верзија на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за следење на комуникациите.

Донесувањето на законот за измени и дополнувања на Законот за следење на комуникациите е предвидено согласно Националната програма за усвојување на правото на Европската унија-ревизија 2012 година. Законот, исто така, е дел од Анексот 2 на Мислењето за усвојување на правото на Европската унија во текот на 2012 година, што Националниот совет за евроинтеграции со консензус го усвои на седницата одржана на 8 февруари 2012 година.

На јавната расправа, со свои мислења, предлози, забелешки и коментари учествуваа: г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции; г. Јани Макрадули, г. Тито Петковски, г. Павле Саздов, г. Павле Трајанов и г. Талат Џафери, пратеници во Собранието; г. Димитар Мирчев, член на Националниот совет и претставник на Кабинетот на претседателот на Република Македонија, како и истакнати професори и експерти во областа:  проф. Владимир Пивоваров и проф. Есад Рахиќ од ФОН Универзитет, проф. Фросина Ташева-Ременски од Факултетот за безбедност во Скопје при Универзитетот Св.„Климент Охридски" - Битола, г. Филип Стојановски од Метаморфозис-Фондација за интернет и општество, г. Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование, г-ѓа Маргарита Цаца Николовска, претставник од Институт за човекови права, г. Андреја Богдановски од тинк-тенкот „Аналитика", г. Ацо Колевски, заменик-јавен обвинител на Република Македонија и г-ѓа Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика.

На јавната расправа говорниците се согласија дека станува збор за измени и дополнувања на законски акт, чиј предмет на регулирање е опширна, но и чуствителна тема, што има допирни точки со повеќе круцијални прашања, како на пример заштитата на човековите права, повреда на приватноста и загарантираното право на комуникација, усогласување со постојните законски решенија во поглед на Законот за кривичната постапка.

Присутните изразија уверување дека со оглед на тоа што Предлог-законот е во фаза на работна верзија, постои можност искажаните предлози и мислења да послужат како коректор и основа за доработка на предлог-законот пред истиот да биде поднесен во собраниска процедура.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Радмила Шекеринска, најави дека материјалите кои ќе произлезат од оваа расправа ќе бидат доставени до учесниците на јавната расправа, до Министерството за внатрешни работи и ќе бидат достапни на пошироката јавност. 

покана                 Предлог-закон                 Извештај                 Заклучоци

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.