Активности

Среда, 27 јуни 2012 година

Јавна расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи

Националниот совет за евроинтеграции денеска одржа јавна расправа по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи.

Донесувањето на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи е предвидено со Националната програма за усвојување на правото на Европската унија-ревизија 2012 година. Законот, исто така, е дел од Анексот 2 на Мислењето за усвојување на правото на Европската унија во текот на 2012 година, што Националниот совет за евроинтеграции со консензус го усвои на седницата одржана на 8 февруари 2012 година.

Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи го образложи г. Џељаљ Бајрами, заменик-министер за внатрешни работи.

Во своето излагање, г. Бајрами истакна дека измените и дополнувањата на Законот за внатрешни работи се предлагаат заради негово усогласување со Законот за кривична постапка („Службен весник на Република Македонија“ 150/10) и создавање на нормативни предуслови за упатување на полициските службеници во истражните центри на јавното обвинителство.

Со новите предлог-измени и дополнувања на законот се уредува начинот на остварување на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство со склучување на договор за соработка, во кој ќе се регулираат сите неопходни прашања во врска со упатените полициски службеници. Со договорот предвидено е дополнително да се прецизираат меѓусебните односи на Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство за остварување на правата, обврските и одговорностите на полициските службеници упатени во истражниот центар на Јавното обвинителство.

Господин Бајрами ја истакна и новата измена на законот со која дополнително се прецизираат платните рангови во Министерството за внатрешни работи, со што се предвидува на секое хиерархиско ниво да има пет платни ранга, односно при распоредување на работник на работни места во исто хиерархиско ниво да го задржува достигнатиот број на платни рангови од претходното работно место.

Со предложените изменувања и дополнувања на законот предвидена е можност на работник кој не ги остварува просечните, односно очекуваните резултати во работата на работното место да му се намали платата најмногу до 15%.

Господин Бајрами во своето излагање истакна дека во постојниот закон недостига одредба за должноста на секој работник на Министерството да извршува наредба донесена од министерот или од него овластен работник, во врска со извршувањето на внатрешните работи. Наведената обврска особено се однесува на извршување на итни, неодложни и специфични задачи, чиј обем, сложеност и времетраење ги надминува расположливите ресурси на одредена организациона единица.

Целта на овој Предлог-закон е да се постигне поголема функционалност на законските одредби и да се создадат нормативно-правни претпоставки за целосно функционирање на законските решенија содржани во Законот за кривичната постапка.

На јавната расправа, со свои мислења, предлози, забелешки и коментари учествуваа: г-ѓа Сузана Салиу, потпретседател на Собранието на Република Македонија; г.Гордан Георгиев,член на Националниот совет за евроинтеграции; г. Емилијан Станковиќ, пратеник и член на Комисијата за надзор над работата на управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање; г-ѓа Маринела Тушева, пратеник и член на Комисијата за европски прашања; проф. д-р Гордан Калајџиев од Правниот факултет - Скопје; проф. Фросина Ташева-Ременски од Факултетот за безбедност во Скопје, г. Неџат Елези од Јавното обвинителство и г-ѓа Магдалена Лембовска од тинк-тенкот „Аналитика".

покана                 Предлог на закон                  Извештај                 Заклучоци

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.