Петок, 28 јуни 2013 година

Учество на Делегација на Собранието на Република Македонија на 22. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ

Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ во состав д-р Ана Павловска Данева, шеф на Делегацијата и г. Џеват Адеми, заменик-член, ќе учествува на 22. Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), што ќе се одржи од 28 јуни до 3 јули 2013 година во Истанбул, Република Турција

Понеделник, 24 јуни 2013 година
 
Учество на собраниска делегација на сесија на ПС на Советот на Европа
 
На третиот дел на редовната сесија за 2013 година на ПС на Советот на Европа, што ќе се одржи од 24 до 28 јуни 2013 г. во Стразбур, Француската Република, ќе учествува Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС на СЕ, во состав: г. Александар Николоски, шеф, г. Игор Ивановски и г-ѓа Ермира Мехмети Деваја, членови, г. Александар Спасеновски и г. Имер Алиу, заменици-членови.

На оваа сесија ќе бидат разгледани повеќе прашања и извештаи, меѓу кои и Предлог-извештајот за постмониторинг дијалогот со Република Македонија, потоа предлогот да се отвори мониторинг постапка со Унгарија, предлог-протоколот бр.16 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, поделба на политичката и кривичната одговорност, ситуацијата на Блискиот Исток, евалуација на партнерството со Мароко, корупцијата како закана за владеење на правото, еднаков пристап кон здравствена заштита, дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, како и други прашања.

На јунската сесија се очекува на парламентарците да им се обрати г. Мартин Шулц, претседател на Европскиот парламент и г. Едвард Налбандан, министер за надворешни работи на Ерменија, копретседавач со Комитетот на министрите на СЕ, а во текот на сесијата ќе се врши избор на судии за Европскиот суд за човекови права од Исланд, Литванија и Словачката Република. 
Четврток, 20 јуни 2013 година

Пратеникот Имер Алиу набљудувач на парламентарните избори во Албанија
 
Пратеникот Имер Алиу, од име на Групата на европски народни партии, е назначен за член на ад хок Комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа која ќе ги набљудува парламентарните избори во Албанија од 21 до 24 јуни 2013 година.

Комисијата која е составена од 20 членови, ќе ги набљудува изборите заедно со набљудувачите на Парламентарното собрание на ОБСЕ и  ОДИХР. Пред денот на гласањето, членовите на Комисијата ќе имаат средби со лидерите на главните политички партии и коалиции, претседателот на Централната изборна комисија, со претставниците на граѓанското општество и медиумите,  како и со претставниците на меѓународната заедница во Албанија. На денот на гласањето, на 23 јуни 2013 година пратеникот Имер Алиу ќе биде распореден во реонот на Тирана.

Имајќи предвид дека набљудувањето на изборите е важен елемент за утврдување на демократскиот капацитет на една држава, Парламентарното собрание на Советот на Европа очекува Албанија да ги исполни стандардите на Советот на Европа и со тоа да ја потврди својата целосна посветеност на демократијата, владеењето на правото и  почитувањето на човековите права.   


Вторник, 18 јуни 2013 година

Прво продолжение на надзорната расправа на тема „Имплементација на процесот на децентрализација“

На првото продолжение на надзорната расправа, Комисијата за локална самоуправа ќе продолжи со ислушување на исказот на Муса Џафери, заменик на претседателот на Владата задолжен за спроведување на Рамковен договор



Понеделник, 10 јуни 2013 година

Учество на меѓународна конференција

Претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Лилјана Поповска, заедно со пратеничката Светлана Мазгалоска Вучетиќ, во својство на член на комисијата, учествуваат на регионална конференција за членовите на парламентите, која се одржува во Кишинев, Молдавија, денеска и утре, 10 и 11 јуни, на тема „Еднакви и унапредени: Учество на жената во политиката“



Петок, 7 јуни 2013 година

Учество на пратеникот Ѓорѓи Коџабашиев на ПСФ - Регион Европа

Денеска, во Берн, Швајцарија, се одржува Конференција на претседатели на секции на Парламентарното собрание на Франкофонијата (ПСФ) - Регион Европа, на која учествува пратеникот, г. Ѓорѓи Коџабашиев, претседател на Секцијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Франкофонијата

Понеделник, 3 јуни 2013 година
 
Јавна расправа по Предлогот на законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост
 
Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на 31 седница, ќе одржи Јавна расправа по Предлогот на законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост.

Јавната расправа ќе се одржи на 4 јуни (вторник) 2013 година, со почеток од 11,00 часот, во Сала на Уставна комисија во зградата на Собранието на Република Македонија.

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, покани претставници од различни организации, институции, здруженија и сојузи, да учествуваат на расправата и да дадат свои мислења и ставови во врска со овој Предлог на закон.

За дополнителни информации, контактирајте го лицето Данчо Јаневски - раководител на одделение и советник на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство и тоа на фиксен телефон: +389 2 3182-409; мобилен телефон: +389 70 396-915; е-пошта: d.janevski@sobranie.mk и kzemjod@sobranie.mk.
Click