Понеделник, 6 јули 2009 година
Учество на пратеникот Хисен Џемаили на 18. годишна сесија на ПС на ОБСЕ

Господинот Хисен Џемаили, член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), учествуваше на 18. годишна сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржа од 29 јуни до 3 јули 2009 година во Парламентот на Литванија во Вилнус. Собранието усвои „Декларација од Вилнус“, што опфаќа препораки до Владите на земјите учеснички во ОБСЕ и содржи 28 резолуции, меѓу кои и резолуциите за зацврстувањето на ОБСЕ, набљудувањето на избори, безбедноста на храната во областа на ОБСЕ, светската економска криза и социјалните последици од истата, Иран, Авганистан, човековите права и граѓанските слободи, контролата на оружјето и разоружувањето во Европа, трудовата миграција во Централна Азија, безбедноста во полето на енергијата, климатските промени, водниот менаџмент, слободата за изразување на Интернет и аболицијата на смртната казна.