Активности



Петок, 3 септември, 2010 година

ЈАВНА РАСПРАВА ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Националниот совет за евроинтеграции денеска организираше Jавна расправа по Предлог-законот за заштита на конкуренцијата и Предлог-законот за државната помош, закони кои произлегуваат од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија.

Образложение на предложените закони и објаснување на содржината на одредбите дадоа министерот за економија, г. Фатмир Бесими и претседателот на Комисијата за заштита на конкуренција, г. Чедомир Краљевски.

Основна цел на новиот закон за заштита на конкуренцијата е понатамошно хармонизирање на националното законодавство со законодавство на ЕУ од соодветната област, воведување на нови поефикасни законски решенија за унапредување на системот за заштита на конкуренцијата, подобрување на ефикасноста на постапката и отстранување на детектираните недостатоци и слабости во досегашното постапување на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Новиот закон за државната помош е со цел натамошна хармонизација со законодавството на ЕУ, подетално уредување на областа и надзорот на државната помош и постапувањето на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Учесниците на јавната расправа ја поздравија иницијативата на Националниот совет за евроинтеграции за организирањето на јавната расправа, а во текот на истата беа изнесени предлози и забелешки во насока на подобрување на текстот на предложените одредби.

На јавната расправа со свои дискусии, предлози, забелешки и коментари, учествуваа  г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет, г-ѓа Силвана Бонева, потпретседател на Советот, г. Аднан Јашари и г. Марјанчо Николов, пратеници во Собранието на Република Македонија и г-ѓа Оливера Нечаковска, претставник од Комисијата за заштита на конкуренција.

покана      Предлог-закон за заштита на конкуренцијата       Предлог-закон за државната помош        
заклучоци        стенографски белешки

Click