Вторник, 9 јуни 2009 година
Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски денеска го прими претседателот на одборот за европски прашања на Хрватскиот сабор, г. Невен Мимица

На средбата уште еднаш беа потврдени високоразвиените односи меѓу двете држави, а во тие рамки и на двата парламента. Посебно беше потврдена европската ориентација на двете држави, како и улогата на парламентите во процесите на интеграција во ЕУ. Претседателот на Собранието, г. Трајко Веаљаноски истакна дека во евроатлантските процеси на интеграција посебно место има и регионалната соработка. Потсетувајќи дека еден таков проект беше зачленувањето во НАТО, односно таканаречената Јадранска тројка. За жал, заради апсурдниот спор со името наметнат од нашиот сосед, Македонија не стана членка иако заедно со Хрватска и Албанија ги исполни сите услови. Токму затоа потребно е во тие интегративни процеси доследно да се почитуваат меѓународните принципи и стандарди. Сепак ние остануваме на нашата евроатлантска определба бидејќи реформите кои ги правиме ги правиме за нас, за нашите граѓани, истакна претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, а очекуваме еропските институции тоа принципиелно да го вреднуваат.