Петок, 31 јули 2009 година

Шеесет и три милиони евра од Европската комисиja за истражувачки проекти за помош на Африка

Европската комисиja побара проект-предлози целосно посветени на истражувања за Африка, кои ќе донесет решенија за сериозните проблеми со кои се соочува „Црниот континент“. Околу 63 милиони евра ќе бидат распределени за истражувачки проекти во текот на 2010 година, насочени кон подобрување на санитарните услови, обезбедување храна и вода во Африка.

Одбраните проекти ќе имаат за цел заживување на земјоделството, промовирање на поодржливи системи за производство, гаранција за безбедна храна, како и алармантни системи за ризици како суша или болести.

Проектите ќе се фокусираат на намалување на маларијата, рано откривање и лечење на најчестите инфекции поврзани со рак, подобрување на здравјето на мајките и бебињата, контрола на здравјето на мигрантите и решавање на проблемот со недостиг од медицински персонал.

Оваа специјална иницијатива за Африка ќе вклучи некои од научните и технолошките цели од стратегиското партнерство ЕУ – Африка, договорено од Европската комисија и Комисијата на Африканската унија во декември 2007 година.

На 18 септември ЕУ комесарот за наука и истражување, г-дин Јанез Поточник, заедно со претставник на Африканската унија ќе го отвори Информацискиот ден „Повик на Африка“.



Четврток, 30 јули 2009 година

Европската комисија усвои Извештај за искоренување на дискриминацијата

Законодавството на Европската унија има корист од проширувањето на заштитата од полова дискриминација, како и од појаснувањето на дефиницијата за дискриминација, се вели во Извештајот на Европската комисија кој беше усвоен вчера. Извештајот ги посочува основните проблеми и добри практики во имплементацијата на Директивата 2002/73/ЕО, којашто има за цел да промовира еднаков третман на мажите и жените во однос на пристапот до вработувањето, професионалната обука и промоција, како и работните услови.



Среда, 29 јули 2009 година, Гетеборг

Конференција за креативност и културни навики на децата и младите

На 29 и 30 јули во Гетеборг, во рамките на Европската година на креативност и иновации, ќе се одржи Конференција за креативност и културни навики на децата и младите, на која ќе присуствуваат 350 експерти и учесници од целата Европска унија.



Вторник, 28 јули 2009 година, Брисел

Состанок на ЕУ министрите по општи прашања и надворешни работи

ЕУ министрите по општи прашања и надворешни работи на вчерашниот состанок во Брисел, меѓу другото, ја потенцираа својата поддршка за земјите од Западен Балкан. Советот расправаше за проширувањето на Европската унија и се согласи апликацијата на Исланд за членство во ЕУ да ја достави до Комисијата. Министрите на Комисијата и ја претставија и Стратегијата за Балтичкото Море, решија да го продолжат мандатот на набљудувачката мисијата за ЕУ во Грузија, а беа усвоени и заклучоци за Сомалија и се разговараше за Иран.



Петок, 24 јули 2009 година

Европската комисија предложи донација од 494 милиони евра за разурнатата Аквила

Европската комисија предложи да се донираат 494 милиони евра од Европскиот фонд за солидарност за помош на разурнатиот италијански град Аквила, кој на 6 април беше погоден од силен земјотрес. Помошта, која треба да биде одобрена од земјите-членки на Европската унија, е насочена кон обнова на инфраструктурата, живеалиштата, електричните мрежи и водоснабдувањето.



Четврток, 23 јули 2009 година

Исланд официјално аплицираше за членство во Европската унија

Министерот за надворешни работи на Исланд, г-дин Осур Скарфединсон, на свечена церемонија во Стокхолм, официјално ја предаде апликацијата за членство на неговата земја во Европската унија. Апликацијата ја прими г-дин Карл Билт, шеф на дипломатија на Шведска, која председава со Унијата.



Четврток, 23 јули 2009 година

Европската комисија со нови мерки за спас од кризата

Европската комисиja усвои нови мерки, насочени кон поедноставување на правилата за управување со Кохезиската политика. Во услови на економска криза, целта е да се даде импулс на европската економија преку подобрување на условите за започнување повеќе проекти во одделни региони. Како дел од мерките за борба против кризата, Комисијата може да надомести 100% од трошоците, пријавени од земјите-членки за проекти финансирани од Европскиот социјален фонд (ЕСФ) во 2009 и 2010 година.



Среда, 22 јули 2009 година

Шведскиот министер за надворешни работи ја искоментира визната либерализација, кипарското прашање, апликацијата на Исланд во ЕУ и состојбите во Хондурас и Иран

На вчерашниот состанок на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, министерот за надворешни работи на Шведска, г-дин Карл Билт, како претставник на земјата која претседава со Европската унија, уште еднаш истакна дека граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора ќе можат да патуват слободно во шенгенската зона од 1 јануари 2010 година. Тој го искоментира решението Босна и Херцеговина да не биде дел од пакетот за пристап кон шенген-зоната.



Вторник, 21 јули 2009 година, Брисел

Европската комисија одобри 70 милиони евра за Инвестициониот фонд за земјите соседи

Инвестициониот фонд за земјите соседи (NIF), кој е клучен инструмент за интензивирање на Европската политика на добрососедство (ENP), во 2009 година ќе добие 70 милиони евра помош од Европската комисија. Тие ресурси ќе им овозможат на соседните земји-партнери да го зголемат финансирањето во големите инвестициски проекти во области како енергетиката, транспортот и околината, а исто така и во развојот на малите и средните претпријатија во социјалниот сектор.



Вторник, 21 јули 2009 година

Комплетиран изборот на претседатели и потпретседатели на Комисиите на Европарламентот

Откако во четвртокот Европскиот парламент на Конститутивната седница во Стразбур избра претседатели и потпретседатели на дванаесет комисии, на вчерашната седница го докомплетира изборот на преостанатите комисии, како и на две поткомисии, за идниот 2,5 годишен мандат.



Петок, 17 јули 2009 година

Европарламентот го осуди насилството во Иран, Кина и Хондурас

Покрај изборот на претседател и потпретседатели на Европскиот парламент, како и на Комисиите од истиот, на Конститутивната седница во Стразбур, европратениците заедно со претставници на Европската комисија и Советот, расправаа и за надворешни теми, како насилството по одржаните избори во Иран, етничките проблеми во Кина и државниот удар во Хондурас.



Четврток, 16 јули 2009 година

Дванаесет Комисии во Европскиот парламент добија нови претседатели и потпретседатели

Европскиот парламент на денешната Конститутивната седница во Стразбур ги избра новите претседатели и потпретседатели на дванаесет Комисии - за надворешни работи; меѓународна трговија; буџет; економски и финансиски прашања; труд и социјална политика; екологија, јавно здравство и безбедност на храна; индустрија, истражување и енергетика; внатрешен пазар и заштита на потрошувачите; правни прашања; граѓански слободи; правата на жените и еднаквост меѓу половите и петиции.



Четврток, 16 јули 2009 година, Стокхолм

Неформална средба на ЕУ министрите за правда и внатрешни работи

Во Стокхолм од 15 до 17 јули се одржува неформалната средба на ЕУ министрите за правда и внатрешни работи. Домаќини на средбата се министерот за правда Беатриче Еск и министерот за миграции и азилна политика Тобијас Билстром



Четврток, 16 јули 2009 година

Шведска ја презентираше шестмесечната програма за претседавањето со ЕУ

На вчерашната конститутивна седница на Европскиот парламент во Стразбур, Шведска ја презентираше шестмесечната програма за претседавањето со Европската унија, Чешка го образложи досега сработеното на истата позиција, а беа избрани и пет нови квестори на Европарламентот.



Среда, 15 јули 2009

Европската комисија препорача укинување на визите за Македонија

На денешната прес-конференција во Брисел заменик-претседателот и министер за правда Жак Баро и еврокомесарот за проширување на ЕУ Оли Рен ја соопштија препораката на Европската комисија за укинување на визите за граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора од 1 јануари 2010 година.



Среда, 15 јули 2009 година

Се чека препорака од ЕК за визна либерализација

Европската комисија денес треба да достави предлог за безвизен режим за три балкански земји: Македонија, Црна Гора и Србија. Одлуката на Европската комисија за укинување на визниот режим на прес-конференција во Брисел ќе ја соопштат еврокомесарите за правда и проширување, г-дин Жак Баро и г-дин Оли Рен



Среда, 15 јули 2009 година

Избрани 14 нови потпретседатели на Европарламентот

Откако го избраа новиот претседател на Европскиот парламент (г-дин Јержи Бузек), европратениците на Конститутивната седница во Стразбур ги одбраа и четиринаесетте потпретседатели.



Вторник, 14 јули 2009 година

Јержи Бузек - нов претседател на Европскиот парламент

Поранешниот полски премиер и член на Европската народна партија, г-дин Јержи Бузек, е избран за нов претседател на Европскиот парламент. Уште на првото гласањето на конститутивната седница на Европарламентот во Стразбур, г-дин Бузек доби 555 гласови, додека вториот кандидат за оваа функција, Ева Брит Свенсон, од Конфедеративната група на Европската обединета левица - Северна зелена левица освои 89 гласа.



Вторник, 14 јули 2009 година, Стразбур

Гласање во Европарламентот

На конститутивна седница Европскиот парламент во Стразбур со тајно гласање ќе избере нов претседател, 14 заменик-претседатели, како и претседатели на парламентарните комисии, кои ќе бидат на овие функции во наредните 2,5 години.



Понеделник, 13 јули 2009 година

Усвоени седум документи на Г-8 Самитот во Аквила

На тридневниот самит на Г-8, кој се одржа од 8 до 10 јули во италијанскиот град Аквила и на кој учествуваа вкупно 39 шефови на држави или влади, беа усвоени седум документи кои треба да помогнат за решавање на глобалните прашања.



Петок, 10 јули 2009 година

Во вторник ќе се бира нов претседател на Европарламентот

Новиот Европски парламент на конститутивната седница на 14 јули во Стразбур ќе го избере новиот претседател за наредните 2,5 години. Својата кандидатура за наследник на г-дин Ханс-Герт Петеринг ја објавија поранешниот полски премиер и член на Европската народна партија, г-дин Јежи Бизек, како и Ева-Брит Свенсон од Шведска, европратеник на Конфедеративната група на Европската обединета левица - Северна зелена левица.



Петок, 10 јули 2009 година

За прв пат ограничено глобалното затоплувањето

На Самитот на Г-8 во италијанскиот град Аквила, најголемите индустриски гиганти во светот во врска со климатските промени се договорија глобалното затоплувањето да го ограничат на два степени Целзиусови, а намалувањето на издувните гасови штетни за атмосферата за 50% до 2050 година.



Четврток, 9 јули 2009 година

Европската комисија повика на масовна забрана за пушење на јавни места

Европската комисија повика цела Европска унија да се вклучи во масовна забрана за пушење на јавни места од 2012 година. Моментално сите земји-членки на ЕУ имаат одредби за заштита на непушачите кои се изложени на штетното дејство на димот од цигарите, но правилата варираат од земја во земја.



Четврток, 9 јули 2009 година

ЕУ официјално ја поддржа кандидатурата на Жозе Мануел Баросо

Земјите од Европската унија денеска официјално ја поддржаа кандидатурата на г-дин Жозе Мануел Баросо за претседател на Европската комисија. Ниту една од 27-те земји-членки на ЕУ не се спротистави на вториот петгодишен мандат на г-дин Баросо, па останува неговата номинација да биде потврдена од Европскиот парламент. 



Четврток, 9 јули 2009 година, Лисабон

Советот на Европа во кампања против дискриминацијата

„Да се зборува против дискриминацијата“ е мотото под кое Советот на Европа и Високата комисија за имиграција и меѓународен дијалог во Португалија (ACIDI) денеска ја покренаа кампањата во Лисабон, Португалија. Целта е подигање на јавната свест и осудување на разни аспекти на дискриминацијата, која произлегува врз основа на расистички ставови и предрасуди, посебно оние со исламофобска, антисемитска и антиромска позадина.



Среда, 8 јули 2009 година

На 2 октомври втор референдум за Лисабонскиот договор во Ирска

Вториот референдум за Лисабонскиот договор во Ирска ќе се одржи на 2 октомври. По првичното неприфаќање на Договорот минатата година, се очекува Ирците овојпат да го поддржат истиот, со оглед на тоа што ги добија побараните гаранции од Европската унија.



Среда, 8 јули 2009 година

Г-8 Самит во Аквила

Во италијанскиот град Аквила денеска започна тридневниот Самит на Г-8, на кој, покрај лидерите на водечките земји во светот - Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Русија и САД, учествуваат и претставници од Бразил, Кина, Индија, Мексико и ЈАР, како и од Египет, Данска, Шпанија и Холандија.



Понеделник, 6 јули 2009 година

Микрофинансирање за невработените во Европа

Европската унија предлага механизам за микрофинансирање со цел поттикнување на невработените да започнат сопствен бизнис. Предлогот е прецизиран во акциониот план за работа и со него ќе им се помогне на луѓето кои ја загубиле својата работа, со мали кредити да развијат свој бизнис или да го прошират постоечкиот.



Понеделник, 6 јули 2009 година, Стразбур

Летно училиште за демократија

Од 6 до 10 јули во Стразбур ќе се одржи Четвртото летно училиште за демократија, на тема „Глобалните предизвици на демократијата“, а во организација на Советот на Европа, со поддршка од Европската унија, француската влада и локалните власти на Алзас и Стразбур.



Петок, 3 јули 2009 година

новиот Европски парламент ќе го посети Стокхолм

Во понеделник, на 6 јули 2009 година, новоизбраната група лидери на Европскиот парламент, предводена од претседателот во заминување, г-дин Ханс-Герт Петеринг, ќе го посети Стокхолм.



Четврток, 2 јули 2009 година

Шведското претседавање со ЕУ пред огромни предизвици

По повеќе од две години подготовка, Шведска вчера го презеде претседателството со Европската унија. Во Стокхолм, шведскиот премиер, г-дин Фредерик Рејнфелт, го пречека претседателот на Европската комисија, г-дин Жозе Мануел Баросо. Церемонијалната прослава се одржа во музејот Скансен, каде присуствуваше и кралот на Шведска, Карл XVI Густав. Се очекува оваа скандинавска земја во својот шестмесечен мандат да оствари над 3.000 средби, повеќето во Брисел и Луксембург, но и над сто средби во своите градови.



Среда, 1 јули 2009 година

Шведска го преземa претседателството со ЕУ

Ротационото претседателство со Европската унија денеска Чешка официјално и го предава на Шведска, која ќе го води наредните шест месеци, односно до 31 декември 2009 година.

Click