Петок, 9 октомри 2009
Делегација на Собранието на Република Македонија предводена од претседателот на Собранието г. Трајко Вељаноски оствари средби со државниот врв на Хрватска
На средбата со претседателот на Хрватскиот сабор Лука Бебиќ и двете делегации ги истакнаа високо развиените пријателски односи меѓу двете држави, а во тие рамки и редовните средби и соработка меѓу двата законодавни дома. Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски го поздрави неодамнешниот договор меѓу Хрватска и Словенија, со кој и е овозможено на Хрватска да ги продолжи преговорите со ЕУ. Со ова и двете страни покажаа дека не само декларативно, туку и фактички ги почитуваат европските стандарди, а во истовреме и одговорност за иднината на ЕУ. Република Македонија очекува врз постигнатите резултати во извештајот на ЕК, кој треба да се објави наскоро, да добие препорака за датум за започнување на преговорите, истакна Вељаноски.